Законот, според Шахпаска, би почнал да се имплементира кон средината или крајот на септември, а со него ќе бидат опфатени 1 100 стечајци или вкупно 13 000.

– Според информациите Предлог-законот ќе биде на следната седница во Собрание, на 22 јули, по неколку дена, а оди во скратена постапка. Штом се отвори на оваа седница, има можност пратениците да го изгласаат пред да одат на годишните одмори. Јас сум оптимист. Законот стапува веднаш во сила, но со оглед дека има период од 30 дена за работниците да поднесат барања, најверојатно кон средината или крајот на септември би можела да почне неговата имплементација, рече Шахпаска за дневникот на ТВ Сител.

Ова, потсети, е петта измена на Законот, произлегува од владината анализа и разговорите со стечајните работници, а предвидува месечниот износ на материјалниот надомест да биде 9.242 денари.

– Наместо досегашните 15 години работен однос, сега ќе има услов 14 години работен однос во претпријатие со доминантна државна сопственост кое може да се приватизирало, при приватизацијата да го зачувало единствениот матичен број или да го промени матичниот број, но да се докаже поврзаноста со претпријатието од кое произлегува фирмата ќерка: Нашите проценки се дека околу 1 100 работници ќе бидат опфатени со ова законско решение, истакна Шахпаска.

Во однос на законското решение со кое се обврзува пензионирањето со навршени 64 години, министерката обајсни дека исклучок од ова ќе бидат само вработените во здравството – здравствени работници и соработници, како и вработените во високото образование.

– За породилното отстуство, останува предлогот да се продолжи и да се воведе „татковство“. – Ова законско решение чија драфт верзија е готова, ќе биде ставено на јавна дебата околу должината и траењето на породилното отсуство и татковството, рече министерката Шахпаска.