Масовен концерт на Шакира на плажата Копакабана

Колумбиската поп-ѕвезда Шакира одржа бесплатен концерт во Рио де Жанеиро на познатата плажа Копакабана, каде според проценките присуствувале околу два милиони луѓе. Настапот бил најавен како најголем во нејзината кариера и траел нешто помалку од два и пол часа.

На крајот од концертот, Шакира се обратила кон публиката и изјавила дека нема да го заборави настапот. Концертот бил дел од серијата „Todo Mundo no Rio“, преку која градскиот совет носи меѓународни музички ѕвезди во Рио де Жанеиро.

Во текот на шоуто, таа изведе дел од своите најпознати песни, меѓу кои „Waka Waka“ и „Whenever, Wherever“. На репертоарот биле и „Hips Don’t Lie“, „La Tortura“ и „She Wolf“.

Подготовки, сцена и изјави пред концертот

Во пресрет на настапот, Шакира ја истакнала својата поврзаност со Бразил. Таа изјавила дека, ако планетата Земја имала олтар, тоа би била плажата Копакабана. За неа, локацијата претставува „сон“ и „магично место“.

За концертот била поставена сцена со површина од околу 1.500 квадратни метри. Со тоа, таа била поголема од сцените на претходни настани на истата локација.

Подготовките за настанот биле засенети од несреќа за време на монтажата на сцената. Еден работник останал заглавен меѓу две платформи за подигнување и подоцна починал во болница, пренесе ДПА.