Шамбевски: СДСМ бега од резолуцијата бидејќи или веќе преговара за идентитетот или сака раздор во македонското општество

Ш

-Ме изненадува колебливоста на СДСМ да ја прифати резолуцијата. Прво ја одбија, па ја прифатија, сега повторно најавуваат дека ќе ја одбијат. Што е неприфатливо за СДСМ, континуитет на македонскиот јазик, идентитетот, вели во „Тема на денот“ за дневникот на Сител, Оливер Шамбевски од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен амбасадор.

Македонија 20.07.2021. 19:49

-Она што мене ме чуди зошто СДСМ избегнува да ја прифати се две можности. Прва работа или преговараат за маркерите кои го дефинираат идентитетот, ставено е на маса па го избегнуваат текстот на резолуцијата, или пак се обидуваат и натаму да направат раздор во македонското ткиво и максимално поларизирање. Од нивното доаѓање па се денеска македонското општество никогаш не било пополаризирано. Ако не ја прифатат резолуцијата, тогаш им паѓа во вода дека опозицијата е кочничар. Ова е подадена рака, рече Шамбевски.

Тој истакна дека резолуцијата која ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ е добро структуиран документ чија единствена цел е да го обедини општеството околу маркерите на идентитетот на овој народ, на оваа држава.

-Резолуцијата која ја поднесе опозицијата ако ја погледнете како документ ќе видите дека самата резолуција е многу внимателна по тоа да не предизвика дополнителни поделби внатре во Македонија, но и да ги дефинира клучните позиции од кои што како општество и институции не би смееле да отстапуваме. Точно е дека ги дефинира црвените линии кои понатаму никој не смее да ги помине. Многу е важно да се каже дека оваа резолуција е производ на сомнежот на народот дека идентитетот е загрозен, потенцира Шамбевски.

Шамбевски посочи дека текстот не остава простор за поделба, туку ги дефинира маркерите врз кои треба да се базира нашата надворешна политика и да не се премине преку нив во преговорите со Бугарија.