Министерот за правда Јетон Шасивари му одговори на Али Ахмети дека прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик со години било нерешено, иако осум министри за правда од редовите на ДУИ имале можност да го решат.

Во реакцијата на отвореното писмо на Ахмети, Шасивари вели дека јазичните права не се партиска сопственост и дека обврска на институциите е да обезбедат нивно остварување. Тој нагласува дека како министер не сака да собира политички поени, туку да најде правно издржано, функционално и долгорочно решение за сите кандидати.

Шасивари најавува дека Министерството бара мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел, со цел решението да биде усогласено со европските правни стандарди. Според него, процесот е отворен и вклучува консултации со деканите на правните факултети и студентите, чии ставови треба да бидат земени предвид.

Тој го отфрла обвинувањето дека иницијативата претставува ограничување на јазичните права и вели дека нема да дозволи прашањето да се претвори во партиско наддавање. Шасивари оценува дека разликата меѓу политичката реторика и институционалната одговорност е во тоа дали проблемите се решаваат со функционални и правно одржливи решенија.