Целта на состанокот, како што информираат од Министерството за одбрана, е финализирање на подготовките за Самитот на НАТО, закажан за 14 јуни 2021 година, во Брисел, каде главна тема ќе биде НАТО 2030 иницијативата, која има за цел подготовка на Алијансата за идната декада.
На состанокот на министрите за одбрана се очекува да бидат потврдени одлуките за зајакнување на единството и определбата за колективна одбрана, за проширување на пристапот кон безбедноста и да се стави фокус на отпорноста на општествата на новите безбедносни предизвици.
Министерката Шекеринска, како што најавуваат од МО, ќе ги презентира националните ставови на Република Северна Македонија, ќе даде силна поддршка на определбата за зајакнување на колективната одбрана, како и на потребата за континуирана адаптација на новите безбедносни предизвици, со кои ниту една земја не може да се соочи самостојно.