ЧЕТИРИ ЖЕЛЕЗНИЧКИ НЕСРЕЌИ ВО ЕДНА НЕДЕЛА

Приградски воз се судри со кран кај Картахена во југоисточна Шпанија, соопштија службите за итни случаи..

Ова претставува четврта железничка несреќа во земјата за помалку од една недела.

Во инцидентот четири лица се здобиле со полесни повреди и им била укажана медицинска помош на самото место. Од службите за итни случаи во регионот Мурсија информираа дека возот не излетал од шините ниту се превртел, а првите пријави за несреќата биле примени веднаш по пладне.

Шпанија во меѓувреме сè уште се соочува со последиците од тешката железничка трагедија што се случи во неделата во јужниот регион Андалузија, кога брз воз се урна во мост, при што загинаа најмалку 43 лица. Настанот предизвика сериозна јавна загриженост за безбедноста на железничката мрежа во земјата.

Само два дена подоцна, приградски воз излета од шините во близина на Барселона, откако заштитна ограда паднала на пругата поради обилни врнежи од дожд. Во таа несреќа загина машиновозачот, а четворица патници се здобиле со тешки повреди.

Уште една железничка несреќа се случи истиот ден во североисточниот регион Каталонија. По серијата инциденти, главниот синдикат на машиновозачи повика на национален штрајк, барајќи подобрување на безбедносните стандарди и воведување дополнителни мерки на железничката инфраструктура.

Менаџерот за железничка инфраструктура на Шпанија, компанијата Адиф, соопшти дека сообраќајот на линијата Мурсија е нарушен поради „влез на кран што не припаѓа на железничките операции во заштитниот профил на инфраструктурата“, додавајќи дека деталите за тоа како кранот се нашол на линијата засега не се објавени.

 

 

 

ЧЕТИРИ ЖЕЛЕЗНИЧКИ НЕСРЕЌИ ВО ЕДНА НЕДЕЛА