Русија распоредува десетици илјади војници на границата со Украина. Сателитски снимки покажуваат како на полуостровот Крим се појавила огромна воена база, пишува германскиот весник „Шпигел“.

Весникот прецизира дека воениот објект е „подигнат“ во источниот дел на полуостровот, на околу 30 километри од селото Марфовка.

Сателитските снимки, кои му се достапни на „Шпигел“, покажуваат дека таа област била празна на 15 март. Од 2 април таму е забележано распоредување на војници и воена опрема. На 13 април, веќе можело да се видат изградени објекти и акумулирање на значителни воени ресурси.

Фотографии од изминатите недели на социјалните мрежи покажуваат дека ракетна опрема и тенкови се пренесуваат преку Кримскиот мост.

Освен на Крим, Русија префрла и гради времен воен камп во близина на Воронеж. Таму се концентрирани тенкови и камиони, истакна Руслан Левиев, аналитичар од организацијата Conflict Intelligence Team.

Тој посочува дека тоа е најголема акумулација на руска воена моќ на границата со Украина од 2014 година.