Штип ги награди најдобрите
Општина Штип денеска им додели 41 стипендија на млади спортисти кои покрај спортските успеси се истакнале и како одлични ученици. На конкурсот што беше објавен претходно пристигнале повеќе од 60 апликации, а избраните добитници добија финансиска поддршка што ќе им помогне дополнително да напредуваат во спортот.
Градоначалникот Иван Јорданов на свеченоста изјави:
„Како локална самоуправа во минатото направивме стипендирање, мотивирање на најдобрите ученици, еве со оваа мерка ги стипендираме и најдобрите спортисти, но во мерката беа ставени критериуми, за да се стипендираат и мотивира спортскиот резултат основен услов е исто така и да биде одличен ученик како критериум. Во име на транспарентноста на целиот процес беше формирана комисија составена од неколку членови, претставници од Советот на Општина Штип, претставници од новинарите, претставници од вработените во рамки на локалната самоуправа од Одделението за спорт, кои што ги разгледаа сите апликации повеќе од 60-тина на број, а вкупно 41 спортска стипендија се одобрени заради спортски резултати кои што се постигнати.“
Тој додаде:
„Спортот е дејност, сегмент во нашето општество кое што создава здрави вредност и јас верувам дека сетоа она кое што се вложува во спортот, резултатите од вложувањата во спортот ќе бидат видливи во нашето општество на среден и долг рок. Живееме во време кога е потребно да го трасираме патот на најмладите кон спортот затоа што тој кој ќе успее во спортот ќе биде успешен и во сите други дејности и во целиот свој живот, затоа што преку спортот го гради својот карактер, го гради својот дух, споделува радост, пораз, успех, знае да споделува колективно, тимски, така да сите придобивки од спортот сум сигурен дека како град и како општество ќе ни користат.“
Стипендиите се поделени во неколку категории: единаесет спортисти добија по 3.000 денари, 21 спортист ќе земаат по 4.000 денари, седум спортисти по 5.000 денари, а по една стипендија е доделена во износ од 6.000 и 7.000 денари.