Со предупредувачки протест пред објектите на Македонски пошти стотици вработени го искажаа својот револт за, како што велат, лошите услови во кои работат. Половина месец им доцни септемвриската плата, објектите во кои работат се во лоша состојба, а не се вложува ниту во работна опрема потребна за вработените, велат од синдикатот на поштата.

„Сега имаме задоцнување од 15 дена, веројатно денеска ќе има исплата на плата, но сакам да нагласам дека овој протест не за тоа дали денес ќе има плата, туку ние стравуваме дали во иднина ќе имаме редовна исплата на плата. Долги години се соочуваме со немање на работни униформи, велосипеди, мопеди, возилата се веќе застарени, исто така имаме супстандардни услови за работа во работните простории, станува збор за објекти кои се постари од 50 години и истите ниту се одржуваат и санираат“, изјави Боро Велигденов- Претседател на синдикат на пошта.

Вработените бараат менаџментот на Македонски пошти да изнајде итно решение за проблемите со кои се соочуваат. Државната компанија низ годините наназад се вбројува во десетте најголеми загубари со долгови над 10 милиони евра.