Ајфеловата кула во Париз во понеделникот беше затворена откако вработените стапија во штрајк поради тврдења дека нивни колешки биле повлечени од работните места за време на посетата на хиндуистичка верска група. Случајот предизвика критики од француски политичари, а париските власти покренаа истрага за наводите.
Околу 100 членови на организацијата „Bochasanwasi Akshar Purushottam Swaminarayan Sanstha“ (BAPS), глобална хиндуистичка организација со седиште во Ахмедабад, Индија, ја посетиле познатата париска знаменитост во саботата.
BAPS се претставува како „духовно, волонтерско здружение“ посветено на унапредувањето на општеството преку личен развој и промовирање на хиндуистичките вредности на верата, служењето на другите и глобалната хармонија. Организацијата во неделата отворила нов хиндуистички храм во Париз, пишува Си-ен-ен.
Синдикалната претставничка на вработените на Ајфеловата кула, Дијан Давоан, изјавила дека за време на посетата „од жените било побарано да ги напуштат своите работни места за на нив да бидат поставени мажи“.
„Вработените апсолутно не го прифаќаат тоа, а особено жените, кои, секако, се чувствуваат понижено поради тоа што се случило и начинот на кој некои од нив биле третирани“, рекла Давоан.
Градоначалникот на Париз, Емануел Грегоар, соопштил дека е отворена истрага за изнесените наводи.
„Не е прифатливо да се толерираат такви услови“, напишал Грегоар на социјалната мрежа „Икс“. „Тоа не се ниту мои вредности, ниту вредностите што треба да ги претставува Ајфеловата кула – место каде што сите треба слободно да можат да се движат и да постапуваат, без разлика дали се жени или мажи.“
Компанијата што управува со Ајфеловата кула, SETE, потврдила дека делегацијата побарала посетата да се одржи со ограничени „интеракции со жени“, објави BFMTV, партнерскиот канал на Си-ен-ен.
Од SETE признале дека „таквите услови не требало да бидат прифатени“, пренесува BFMTV. Си-ен-ен побарал дополнителен коментар од компанијата.
Во соопштение објавено на „Икс“, BAPS не ги споменала директно вработените жени, но навела дека загриженоста ја сфаќа „многу сериозно“. Од организацијата соопштиле дека посетата била организирана „во координација со тимот на Ајфеловата кула на почетокот на редовното работно време“, со цел што е можно помалку да бидат вознемирувани другите посетители.
„Според нашите сознанија, во ниту еден момент никому не му бил оневозможен пристапот до Ајфеловата кула“, се наведува во соопштението. „Сепак, искрено се извинуваме за каква било болка или непријатност што сме ја предизвикале.“
Веста за затворањето на Ајфеловата кула во вторникот се најде на насловните страници на медиумите во Индија. Дел од корисниците на социјалните мрежи прашувале зошто управата на знаменитоста го прифатила наводното барање вработените жени да се повлечат, додека други оцениле дека инцидентот го нарушил кредибилитетот на Индија и на хиндуистичката религија.
