Главното државно обвинителство во Карлсруе издаде налог за апсење на тројца германски државјани на возраст од 14 и 15 години поради сомнение дека подготвувале терористички напади со екстремно десничарска заднина. Истовремено се извршени претреси на десетина локации низ Германија поврзани со забранетата организација „Терор 18“, каде што бројот 18 во десничарските кругови ги симболизира иницијалите на Адолф Хитлер. На уапсените малолетници им се става на товар членство во терористичка организација чија цел е извршување тешки напади насочени против германскиот уставен поредок, а според информациите, во рамките на групата веќе постоеле конкретни планови за напад врз сместувалиште за бегалци во Долна Саксонија.
Во соопштението на Главното државно обвинителство, кое ги презема случаите со сомнение за загрозување на уставниот поредок, се наведува дека членовите на оваа група ги поврзува длабоко неприфаќање на политичкиот и демократскиот поредок на Сојузна Република Германија. Поради тоа, тие си поставиле за цел да извршат најтешки кривични дела, особено подметнување пожари и насилни акции, вклучувајќи и целни ликвидации на странци и политички противници. Истовремено е покрената истрага против уште тројца осомничени членови на „Терор 18“, при што сите се третираат како помлади лица на возраст зрела за преземање кривична одговорност, а обвинителството предупредува дека тие покажуваат висок степен на радикализација која се одвива со голема брзина.
