На денешниот референдум, швајцарските граѓани го поддржаа предлогот за воведување 13-та пензија, бидејќи загриженоста за трошоците за живот ги надмина сомнежите на Владата за нејзината достапност, покажуваат прелиминарните проекции на тамошниот јавен сервис „SRF“.
Првите податоци, објавени од „SRF“, покажуваат дека 58 отсто од гласачите ја поддржале дополнителната пензија, односно 13-та годишна исплата, додека 42 отсто се против, пренесува Ројтерс. Усвојувањето на оваа мерка, која ја промовираа Конфедерацијата на синдикати на Швајцарија и левичарските партии, бараше поддршка од мнозинството од 26-те швајцарски кантони.
„Овој чекор е навистина огромна пресвртница од перспектива на синдикатот“, изјавил Лукас Голдер од агенцијата „gfs.bern“ за „SRF“.
Владата, лоби-групите и парламентот, кој моментално се приклонува кон десно, го отфрлија предлогот како финансиски несоодветен.
Не се знае од кои средства ќе се финансира 13-тата пензија чија исплата ќе започне во 2026 година. Минималната пензија во Швајцарија е 1.225 швајцарски франци, а највисоката 2.450 франци. Швајцарците денеска гласаа и за зголемување на старосната граница за пензионирање, предлог кој беше категорично отфрлен.