Владата иницира процес за вонсудско решавање

Властите во Швајцарија поддржуваат вонсудски пристап за справување со последиците од пожарот во ски-центарот Кран-Монтана, во кој загинаа десетици лица, претежно млади. Владата во Берн соопшти дека е формирана тркалезна маса која треба да ги обедини сите засегнати страни во случајот.

Во процесот ќе бидат вклучени семејствата на жртвите, осигурителните компании, потенцијално одговорните лица и надлежните институции. За претседавач е назначен економистот и поранешен кантонален политичар Лоран Курт, кој ќе има задача да го координира дијалогот меѓу сите страни.

Од владата наведуваат дека изборот на Курт е направен поради неговото искуство во управување со сложени процеси со повеќе засегнати страни, со цел да се олесни комуникацијата и да се постигнат вонсудски договори.

Пожар за време на новогодишна прослава и истрага за пропусти

Трагичниот инцидент се случи во барот „Ле Констеласион“ за време на новогодишна прослава. Според истрагата, искри од пиротехнички фонтани ја запалиле таванската пена, по што избувнал пожар во кој загинаа 41 лице, а околу 80 беа повредени, дел од нив тешко.

Во тек е истрага против сопствениците на објектот, Џесика и Жак Морети, како и против неколку општински службеници, поради сомнежи за небрежност што довела до смрт и повреди. Дополнително, е утврдено дека објектот не бил проверен за противпожарна безбедност од 2019 година, иако тоа било законска обврска.