Полицијата поднесе кривична пријава против раководител на сектор во општина Шуто Оризари кој присвоил 58.000 евра од буџетот преку лажни налози
Полицијата поднесе кривична пријава против службеник од општина Шуто Оризари. Затоа што присвоил 3,6 милиони денари, односно 58.000 евра од општинскиот буџет.
„Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, постапувајќи по претходно добиени оперативни сознанија, расчисти случај во врска со кривичното дело Измама во службата. При тоа, против лицето Д.А. (51), вработен како раководител на сектор во општината Шуто Оризари, до ОЈО Скопје беше поднесена кривична пријава по член 355 став 3 од Кривичниот законик,“ соопшти полицијата.
Според сознанијата од истрагата, службеник од општина Шуто Оризари кон крајот на 2023 година, како раководител на сектор во општина Шуто Оризари, со цел да прибави противправна имотна корист, од буџетската сметка на општината под основ за одржување на училишни објекти, во пет наврати изготвил лажни налози за исплата на пари. Притоа, тој го злоупотребил печатот на општината, како и скратениот потпис на актуелниот градоначалник.
Откако ги пуштил средствата од трезорската сметка, тие биле префрлени по три налози кон едно правно лице од Скопје. Дополнително, осомничениот формирал уште едно правно лице, во кое бил сопственик, и таму пуштил уште два налози за исплата.
Со оваа шема, осомничениот Д.А. го оштетил буџетот на општина Шуто Оризари за вкупно 3.600.000 денари, односно 58.000 евра, информира полицијата.