Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто остро ги критикуваше двојните стандарди на Европската унија. Тој истакна дека Украина добива забрзан пат кон членство, додека земјите од Западен Балкан со години се во чекалната на ЕУ.

„Додека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен инсистира Украина да стане членка на ЕУ до 2030 година, земјите од Западен Балкан чекаат веќе повеќе од 14,5 години“, Ова ги изјави Сијарто по средбата со црногорскиот вицепремиер за надворешни и европски прашања Филип Ивановиќ.

Тој нагласи дека интеграцијата на Западен Балкан ќе ја зајакне Европската унија. Според него членството на Украина би можело да донесе економски и земјоделски ризици.

Сијарто изрази гордост за напредокот на Црна Гора во процесот на пристапување кон ЕУ за време на унгарското претседателство со Советот на ЕУ. Тој најави дека Будимпешта ќе продолжи да ја поддржува земјата и под полското претседателство.

Сијарто исто така објави планови за зајакнување на економската соработка меѓу Унгарија и Црна Гора.  Потенцираше дека унгарскиот извоз во оваа земја минатата година надминал 100 милиони евра. Значајни инвестиции имало во ИТ-секторот, телекомуникациите и финансиските услуги.

Извор: Канал 5