Каква одлука и да донесеме, европските институции наоѓаат начин да вршат притисок и да нè уценуваат за да ја смениме и за да не ги користиме своите национални овластувања, објасни Сијарто за Би-би-си.
Истакна дека Унгарија е спремна за дијалог со ЕУ, но дека нема да влегува во „дебати засновани на стереотипи“. Според него, во фокусот на моменталните расправи е иднината на Европа.
– Институциите на Европската Унија се федералистички и работат на тоа да создадат Соединети Европски Држави, на што ние се противиме, истакна Сијарто.
Додаде дека пристапот на Унгарија, кој во овој момент е „во малцинство“ е во тоа ЕУ, ако е потребно, да биде заснована на силни држави.
– Дефинитивно нема да го смениме нашиот пристап кон специфичните политички прашања за кои лидерите на одделни држави кажаа дека се против темелните вредности на ЕУ, порача Сијарто.
Тој истакна дека унгарската влада е христијанско-демократска и патриотска, со стабилна поддршка во парламентот и општеството, што дозволува многу малку надворешно мешање.
Сијарто оцени дека неодамнешниот извештај на ЕУ за владеењето на правото во Унгарија е „политички мотивиран, пристрасен, неизбалансиран, неправеден и уценувачки документ“. Тој додаде дека заканите до Унгарија со сопирање на исплатата на средствата од фондовите на ЕУ се неприфатливи.
– Европската комисија ги користи тие фондови за да уценува и да создаде влијание во сферите кои се јасно во рацете на државите членки, истакна Сијарто.