Наставата на турски јазик и значењето за идентитетот
Денеска се одбележува 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик, ден што го потврдува значењето на образованието на мајчин јазик како фундаментално човеково право. Тоа е суштинско не само за зачувување и градење на националниот и културниот идентитет, туку и за развојот и успехот на секој поединец.
„Почитувани припадници на турската заедница, почитувани наставници. Имам особена чест, во име на сите граѓани и во лично име, најсрдечно да ви го честитам 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик. На македонската држава, јазичниот императив ѝ беше јасен уште пред 81 година, кога ја воспостави наставата на турски јазик во тукушто ослободеното Скопје. Од тогаш до денес, континуирано и ревносно се негува турскиот збор, збогатувајќи го македонскиот мултикултурен идентитет,“ стои во честитката од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Благодарност до наставниците и образовните работници
По повод овој ден, претседателката изразува голема благодарност до наставниците и образовните работници кои со труд, посветеност, љубов и професионализам го шират знаењето на турски јазик. Тие активно придонесуваат во воспитувањето на мудри, благородни и хумани млади луѓе.
„Посакувам да продолжиме да бидеме пример за заедништво во различноста и да се гордееме со нашата заедничка татковина! Честит нека ни е 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик. 21 Aralık Türkçe Eğitim Bayramınız kutlu olsun,“ се вели во честитката од претседателката.
