Мораме да научиме дека без оглед дали се работи за мултикултурно општество, кога има избори победникот е еден, но со оглед на нашата политичка и партиска структура, победникот дури и кога имал двотретинско мнозинство посегнувал по коалицирање, што е многу одговорен чин, оцени денеска претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
Во одговор на новинарско прашање во врска со изјавата на лидерот на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, дека на изборите треба да коалицираат „победник со победник“, Сиљановска-Давкова рече дека таквиот пристап не е во согласност со основните принципи на изборниот процес.
Таа посочи дека во македонската политичка практика и партии со убедливо парламентарно мнозинство често се определувале за коалициско владеење, што, според неа, претставува одговорен политички пристап и овозможува пошироко учество во носењето одлуки.
– Еднаш мораме да научиме ние дека без оглед дали се работи за мултикултурно општество, кога има избори, победникот е еден. Зошто инаку би одел некој на избори, ако добиените гласови не се услов да биде прогласен за победник? Но, со оглед на нашата политичка и партиска структура, победникот дури и кога имал двотретинско мнозинство, посегнувал по коалицирање, што е многу одговорен чин. Зошто? И заради заедничката одговорност, мислам особено на албанските партии, заедничката одговорност и за решавање на проблемите внатре во институциите – рече Сиљановска-Давкова.
Во изборниот процес, додаде, може да биде победник само еден, нагласувајќи дека тезата за коалицирање по принципот „победник со победник“ може да доведе до долгорочна доминација на исти политички субјекти и ограничување на можноста за учество на други партии во власта.
– Резултатот не може да биде посакуваниот ако вие немате право да одберете во коалицијата некои со чија програма, па и идеологија, вашата е компатибилна. Друго би било ако влезете во предизборна коалиција, оти тоа, вака викаме ние во изборното право – може да сте мала партија, но со голем изборен капацитет, кога ве посакуваат за коалициски партнер другите партии, односно победничката. Ама оваа теза, дека има двајца победници и дека секогаш треба да влезат, доведува до 20 години власт само на едни и на други, на неможност другите да влезат во коалицијата и, се разбира, да бидат почитувани – нагласи Сиљановска-Давкова.
