Отворањето нови дипломатски претставништва треба да ја продлабочи соработката
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Литванија, Кестутис Будрис, кој престојува во официјална посета на државата. На средбата беа разгледани билатералните односи, евроинтегративниот процес и актуелните безбедносни прашања.
Соговорниците го поздравија отворањето на дипломатското претставништво на Литванија во Скопје, како и одлуката на македонската Влада да отвори амбасада во Вилнус. Притоа, тие изразија очекување дека овие чекори ќе придонесат за поинтензивен политички дијалог, поголема економска и културна соработка, како и за унапредување на севкупните односи меѓу двете држави.
Сиљановска-Давкова оцени дека постои значителен неискористен потенцијал за соработка во областа на информатичките технологии, сајбер-безбедноста, образованието и иновациите.
Евроинтеграциите и проширувањето на ЕУ во фокусот на средбата
Во пресрет на Самитот на НАТО во Анкара, претседателката ја потврди определбата државата, како кредибилен сојузник во Алијансата, да продолжи да придонесува кон колективната безбедност и стабилност.
Таа се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка што Литванија ја дава на македонските евроинтеграции, особено како дел од групата „Пријатели на проширувањето“.
Воедно, Сиљановска-Давкова изрази очекување Литванија, како претседавач со Советот на ЕУ од идната година, да се заложи за кредибилен и предвидлив пристапен процес заснован врз Копенхашките критериуми.
Според неа, билатералните условувања од идентитетска природа претставуваат опасен преседан што може да има сериозни последици за политиката на проширување на Европската Унија.
Будрис, од своја страна, оцени дека актуелниот геополитички момент ја наметнува потребата од забрзување на процесот на проширување.
Тој ги поздрави досегашните реформски достигнувања на државата и ја нагласи важноста од нивно продолжување.
Според Будрис, проширувањето на Европската Унија ќе биде врвен приоритет за време на литванското претседавање со Советот на ЕУ во 2027 година.
На средбата беше констатирано дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан претставува геополитичко и безбедносно прашање од особен европски интерес.
