На средба со претставници на ромската заедница од Хрватска се разговараше за правата, образованието и политичкото учество

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со Вељко Кајтази и делегација на Сојузот на Ромите од Хрватска „Кали Сара“, предводена од Сузана Крчмар.

На средбата било разговарано за положбата на Ромите, унапредувањето на нивните права и можностите за размена на добри практики меѓу земјите од регионот.

Сиљановска-Давкова истакнала дека Ромите претставуваат значаен дел од македонското општество и имаат важна улога во неговиот културен и демократски развој.

Соговорниците ги отвориле прашањата поврзани со образованието, вработувањето и борбата против дискриминацијата, при што било оценето дека овие предизвици бараат постојана ангажираност од институциите, граѓанскиот сектор и самата ромска заедница.

Поголема политичка вклученост на Ромите

Претседателката ја поздравила работата на Кајтази и организацијата „Кали Сара“ во промоцијата на ромскиот јазик, култура и историја, како и нивниот придонес во меѓународното признавање на 5 Ноември како Светски ден на ромскиот јазик.

Според неа, зачувувањето на ромскиот јазик и неговото пренесување на младите генерации има посебно значење за идентитетот на ромскиот народ.

Гостите ги истакнале заслугите на Кајтази во заштитата и унапредувањето на правата на Ромите, посочувајќи дека образованието на ромски јазик и поголемата застапеност во јавниот и политичкиот живот остануваат меѓу клучните приоритети.

„Ако Ромите не се бават со политика, тогаш таа без нив и несоодветно ќе се бави со нив“, порача Сиљановска-Давкова, охрабрувајќи ги младите Роми поактивно да се вклучат во политичкиот живот.

На средбата било нагласено и дека размената на искуства и успешни практики може да придонесе за поквалитетни политики и подобри можности за ромската заедница во регионот.