Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи и до сите верници од исламска вероисповед.

 

„Почитуван реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи,

Дозволете ми Вам, лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите верници од исламска вероисповед, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот празник Курбан бајрам, со желба, да го поминете во мир, радост и семејна благосостојба.

Во свет обременет со неизвесност, недоверба, отуѓеност и ослабено чувство на заедничка припадност, големите празници имаат силна духовна димензија и моќ.

Курбан бајрам, преку својата длабока симболика на дарување и пожртвуваност, упатува на вредности, важни за моралната зрелост на заедницата: човечноста, емпатијата, солидарноста и одговорноста кон другиот. Токму во способноста да се зачуваат и да се изразат љубовта и грижата за ближниот, дури и во мигови на разлики и предизвици, се препознава и се мери интегрираноста на општеството.

Само преку разбирање, заемно уважување и култура на почит, различностите можат да бидат предност, а не слабост, да станат мост, а не препрека, да прераснат во единство, надминувајќи ги поделбите.

Честит Курбан бајрам.“