Континуирана поддршка за развој на локалната самоуправа и подобрување на условите за граѓаните

Унапредувањето на институционалната соработка и континуираниот развој на локалната самоуправа беа главна тема на денешната средба меѓу градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, и вршителката на должноста амбасадорка на Соединетите Американски Држави, Н.Е. Никол Варнс, во рамки на нејзината официјална посета на општината. Настанот ја потврди цврстата соработка и заедничките заложби за создавање модерни услови за живот на граѓаните.

На состанокот, градоначалничката Стаменкоска Трајкоска ги презентираше клучните капитални инвестиции и стратешките приоритети на локалната самоуправа. Особено внимание беше посветено на инфраструктурниот развој, унапредувањето на општинските услуги и креирањето инклузивни политики кои гарантираат стабилност и просперитет за сите жители на Кисела Вода.

„Поддршката од Соединетите Американски Држави е од суштинско значење за јакнење на капацитетите на локалните институции и за спроведување на процесите кои водат кон унапреден животен стандард. Оваа средба е силен мотив за понатамошно продлабочување на нашата соработка, преку размена на добри практики и реализација на проекти кои значат сигурна иднина за нашата заедница“, истакна Стаменкоска Трајкоска.

Официјалната посета на амбасадорката Варнс, како што беше нагласено, е уште еден доказ за важноста на континуираната комуникација и партнерскиот однос, кои директно придонесуваат кон севкупниот напредок и развој на општината.