Силното невреме проследено со обилни врнежи и силен ветер, кое во текот на ноќта ја зафати јужна Албанија, однесе два човечки живота, а уште три лица се повредени, соопштија надлежните албански институции.

Една од жртвите е Башким Бочи, електричар во државната електроенергетска компанија (OSSH), кој загинал за време на интервенција во Химара. Според албанските медиуми, несреќата се случила околу 3 часот по полноќ во областа Потами, кога при поправка на далновод му се скинал безбедносниот појас и паднал од столб.

Втората жртва е рибарот Михал Зои од Ксамил. Неговото пловило се превртело во разбрануваното море за време на невремето, а телото било пронајдено утринава.

Во Саранда, силниот ветер урнал десетици дрвја, при што биле оштетени повеќе возила. Три лица побарале лекарска помош откако биле повредени од скршено стакло и паднати гранки.

Последици од невремето се регистрирани и во Либражд, каде што дел од населените места и натаму се без електрична енергија. Прекините во снабдувањето со струја предизвикале и проблеми со водоснабдувањето, особено во Патос.