Грчкиот остров Скијатос во саботата вечерта се соочи со силно невреме кое за само триесет минути предизвика поројни поплави во централните делови и крајбрежјето. Надојдената вода носеше опрема од локалните угостителски објекти, вклучувајќи маси и столици.
Врнежите започнале околу 19 часот со исклучително висок интензитет, при што дневната количина на дожд достигнала 67,2 милиметри, додека максималниот интензитет надминал 281 милиметар на час. Огромните количества вода се слевале директно кон морето и создале впечаток дека крајбрежјето и улиците се споиле.
Поплавите навлегле и во повеќе објекти на пониските делови, а вода продрела и во просторија на локалното стручно училиште. Во одредени делови од островот бил регистриран и прекин на електричната енергија, а локалните служби и граѓаните утрото го започнале со расчистување на последиците.
