Сопственикот на социјалната мрежа Твитер, Илон Маск објави дека познатата птица од логото ќе ја замени со буквата X. Маск рече дека оваа промена ќе се случи во понеделник.

Промената на логото ќе биде последната во низата големи промени што Маск ги воведе откако го презеде Твитер, кој го купи минатата година за 44 милијарди долари.

Маск на Твитер напиша дека неговата идеја да го смени логото со голема буква Х ја симболизира „несовршеноста во сите нас што не прави единствени“.

Во април, Маск го смени официјалното име на компанијата во X Holdings Corp, по неговиот ран потфат X.com, за да ја одрази неговата визија за создавање „X, апликација за секого“ што врши функции на социјалните медиуми и плаќање, слично на кинескиот WeChat.

Многу огласувачи ја напуштија платформата набргу откако Маск ја презеде компанијата, стравувајќи од оштетување на нивните брендови. Тие ги намалија буџетите за реклами делумно поради загриженоста за промените што ги направи новиот сопственик што овозможија да се зголемат содржините со омраза.