Светската фудбалска асоцијација се соочи со сериозен сајбер напад при што хакери успеале да добијат пристап до доверливи лични и професионални податоци на организацијата. Информацијата првично ја објави специјализираниот медиум „The Record“, откривајќи детали за безбедносниот пробив во фудбалската централа.

Раководството на меѓународната асоцијација веднаш реагираше со официјално соопштение во кое остро ги осуди активностите на напаѓачите.

„ФИФА најостро го осудува нелегалното стекнување и објавување на информации, особено лични податоци. Ваквите дејствија претставуваат сериозно и неприфатливо кршење на приватноста и можат да имаат значителни последици за засегнатите“, се вели во соопштението на организацијата.

По инцидентот, фудбалската куќа започна интензивна соработка со надлежните органи за спроведување на законот. Одговорноста за упадот ја презеде хакерската група Handsome Boy Hacking Club, која тврди дека украла повеќе од 12 гигабајти податоци и истите ги објавила откако претходно им пропаднал обидот за финансиска изнуда. Сепак, официјалните претставници сè уште не го потврдуваат точниот обем на компромитираните документи.

Според информациите што ги сподели новинарот на „Sky Sports“, Роб Харис, хакерите не успеале да дојдат до документите поврзани со проектот „FIFA Forward Enterprise (FFE)“. Овој проект предвидуваше план на раководството кој подоцна беше повлечен.

Имено, претседателот Џани Инфантино претходно предложи формирање посебна компанија под името „FFE“, чија примарна задача ќе беше менаџирање со комерцијалните права за натпреварувањата. Според првичниот план, околу 20 проценти од акциите требаше да бидат понудени на надворешни инвеститори за сума од 4,2 милијарди долари, но целата иницијатива беше стопирана по бранот остри критики во јавноста.