Синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) попладне во Владата ќе има средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за барањето за поголеми плати за 29-те вработени и согласност за нивниот колективен договор, откако завршиле без договор средбите што ги имаа со претставници на Министерството за финансии.
Синдикатот е во штрајк 15 дена и ги стопираше сите процеси за кои е надлежен ДИЦ, меѓу кои и полагањето на државната матура која треба да почне на 27 мај. Пред два дена синдикатот побара од МОН да го измени календарот за екстерните испити затоа што поради штрајкот нема да го стигнат предвидениот рок за двата екстерни испита, на 27 мај и 10 јуни.
На претходните прес-конференции претседателката на синдикатот Емилија Бошковска изјави дека од Финансии им било предложено решението да се најде во Законот за административни службеници, што за нив е неприфатливо и сметаат дека така платите би им се зголемиле за само илјада денари.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, кој апелираше да не се доведува во прашање полагањето на завршниот испит, им препорача да го почекаат донесувањето на Општиот колективен договор со кој можеби, како што рече, ќе имаат подобри услови од она што им го предлага Министерството за финансии.
Шаќири вчера во гостување во ТВ Сител беше дециден дека државната матура ќе се полага во предвидениот термин и најави дека за да се реализира, ако е потребно, ќе се вклучат и вработени од МОН.