Грција поставува 22 современи системи за рано откривање пожари на значајни археолошки локалитети, споменици и подрачја од особено културно и природно значење. Новата мрежа треба да ја зајакне противпожарната заштита, но и да им обезбеди на надлежните служби непосредна оперативна слика во случај на пожар, информираа од Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Системите веќе функционираат на осум археолошки локалитети, уште шест треба да бидат пуштени во употреба до крајот на август, а преостанатите осум се планирани за септември. Меѓу локациите каде што се поставени или ќе бидат поставени системите се Мистра, Епидаур, Микена, Дион, Платамонас, античка Олимпија, Акропол, Света Гора, Делфи, Самотраки и Тасос.

По активирањето на сите 22 системи, тие ќе создадат мрежа за надзор и рано предупредување со можност за навремено откривање жаришта, автоматско испраќање известувања и доставување слика и податоци во реално време до оперативните центри. Системите користат термални и оптички камери со ротирање од 360 степени, камери со далечинско управување и мапа на која се прикажуваат откриените жаришта, времето на активирање на алармот и состојбата на опремата.

Капацитетот на системот веќе бил потврден за време на пробната фаза. При пожарот што избувнал на 31 јули 2026 година во Фихтија, Арголида, во подрачјето под надзор на системот во Микена, жариштето било откриено автоматски, по што Координативниот контролен центар добил известување со слика и податоци за настанот, соопшти Министерството.

Проектот се реализира во рамките на Националната програма за цивилна заштита и се финансира од европскиот Фонд за закрепнување и отпорност. Покрај системите за детекција, опфатени се и метеоролошки станици, регионални и координативни контролни центри, како и преносни противпожарни топови на избрани локации за непосредно справување со пожарите.