Сиви и црвени еминенции на јавна сцена во Македонија

Денешнава колумна е посветена на сивите и црвени еминенции на македонската политика. Ги има безмалку насекаде во општеството. Распоредени се во политичките партии, државните институции и бизнисот. Тоа се луѓе кои неформално ја држат власта во своите раце и фактички се помоќни од челниците или лидерите, носители на водечки функции. Тие владата и министерствата ги прават коруптивни, политичките партии ги уништуваат, државните институции ги заробуваат и ги прават хибридни, а бизнисот го криминализираат.

Сотир Костов

Станува збор за луѓе како Али Ахмети (прв човек на владеачката коалиција, без државна функција, а со најголема политичка моќ, па кажува кој ќе владее во Македонија, спротивно на вољата на избирачите изразена на избори), Атран Груби (“премиер во сенка“ во Владата на Р. Македонија), Зоран Заев, Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска (политичари без функција во државата и партијата СДСМ, а влијателни и моќни, т.е. “алфа и омега“ во партијата), Зијадин Села (“претседател од сенка“ на Алијанса на Албанците) и уште десетици други во министерствата, другите држацни институции и органи, и бизнис сферата, во кои дејствуваат “позади завесата“. Сите до еден сакаат да владеат со партијата, институцијата или државата, без да имаат водечка функција.

Едни од овие сиви и црвени еминенции патат од комплекс “мал Наполеон“, а други од комплекс “Мартин Протуѓер“ (смени го овој…дај му отказ на тој…тие се за во ендек“). Во зависност од тоа како дејствуваат “под радарот“ на медиумската свера и транспарентноста и како се однесуваат “позади завесата“ на политичката јавна сцена, се пројавуваат во најразлични изданија на “Ел Команданте“, “Ел Падре“, “Фирер“, “Дуче“, “Гаудиљо“.
На сите нив политчки и владетелски прадедовци им се Кардинал Арман Жан ди Плеси – Ришеље(Eminence rouge – Црвена еминенција, според бојата на наметката) и дипломатот Франсоа Жозеф ди Трембле(попознат како Пере Жозеф – Еминенце Грисе – Сива еминенција). Денес ќе го претставам Ришеље, како попозната историска личност, а во некоја друга прилика ќе го претставам и Пере Жозеф.

Ришеље е познат француски државник, дипломат и кардинал од 16от век. Бил министер за надворешни работи и министер за армијата на кралот на Франција – Луј XIII. Со самото тоа имал многу големо влијание врз зголемувањето на моќта на монархијата, со што се смета за творец на францускиот апсолутизам. Воедно бил назначен за кардинал од страна на папата Григориј XV на 29 јануари 1635г. Исто така бил многу значајна личност и за историјата и меѓународните односи и дипломатијата, бидејќи е творец на концептот, т.е. доктрината за raison d’état (фр. државна причина) односно за апсолутното застапување на националните интереси во надворешната политика.

Ришеље е кардинал кој го советува кралот Луј 13 за неговите е политики. На тој начин се стекнал со големо влијание врз неговите одлуки и однесување. Низ Европа имал голема мрежа од сопствени агенти преку кои вршел пропаганда во царствата на повеќе европски држави. Бил вешт манипулатор и сплеткар, врвен мајстор на политичката и воената пропаганда. Се прославил со тоа што го уггушил бунтот на француските хугеноти, при што постапил мудро и тактички: им ги одзел политичките права, но им ја оставил верската слобода.

Инаку бил, визионер, кој навреме почувствувал дека медиумите и вестите пласирани во него, можат да бидат многу корисна алатка, на секој. Се прославил во внатрешната политика на Франција со спроведување на корисни реформи во областа на финансиите, војската, законодавството, мануфактурата, трговијата и земјоделството. Познат е и по тоа што ја основал француската Академија на науките и уметностите.

Имал идеја за весник – што ја спровел во дело. Уредувањето го отстапил на угледниот париски лекар Тефраст Ренедо. Кој во својата куќа веќе имал формирано биро за давање медицински совети преку писма. Кардиналот Ришеље издејствувал кралска концесија и во 1631 година почнува со издавање на неделникот La gazette. За разлика од тогашните весници во Германија, Англија и Холандија, овој весник бил официјално гласило инсталирано од дворот и државната управа, поточно ги подржувал политиките и мерките донесени од кралот Луј 13-ти. Со најразлични пропагандни и агитаторски акции допринел за зацврстување на кралскиот апсолутизам во Франција, при што ја зацврстувал својата позиција и влијание кај кралот во дотогаш невидени и непознати размери.

Во историјата ќе остане запаметен и по тоа што е единствениот кралски советник, помоќен од самиот крал. Тој создал еден кодекс, правила за однесување на кралот, вистинско “Евангелие според Ришеље“, од кое се гледа вистинската слика за влијанието и моќта во односите помеѓу него, кралот и кралскиот кабинет. Еве ја содржината на тоа евангелие:

1. Владетелот мора да има свој прв министер, а првиот министер треба да има 3 особини: – да го сака само својот владетел, втора да е внимателен и верен, третата е да е свештено лице.
2. Владетелот треба совршено да го сака својот прв министер,
3. Владетелот на треба никогаш да го менува својот министер,
4. Должен е се да му доверува,
5. Треба да му допушта слободен пристап кај себе
6. Да му довери комплетна власт над народот,
7. Да му дава големи почести и големи имоти,
8. Владетелот нема поголема ризница отколку што му е првиот министер,
9. Владетелот не смее да верува на оној кој говори против првиот министер, ниту треба да му е пријатно кога ќе чуе како го озборуваат,
10. Владетелот е должен да му открие се што се зборува против него на својот прв министер, дури и кога од владетелот е побарано да се чува тајна,
11. Владетелот е должен не само најмногу да го цени доброто на својата држава, туку својот прв министер да го сака повеќе од своите роднини.

Ваквото извртување на моќта и влијанието во политиката на владеење, пред и после Ришеље е непознато, а денешните спин-доктори и пропагандни мајстори можат само да го посакаат. И сега, ако ја анализираме работата во изминатитве години на Владата на Р.Македонија, на министерствата и на некои политички партии, ќе го забележиме синдромот “Зошто-да-не“, синдром спорд кој функционираат нашите сиви и црвени еминенции. Мислат, поточно убедени се дека “Се (им) е дозволено“, “Се е можно(за нив)“ и “Се (им) поминува“.
Кутрите тие. Corpus misticum-и, разобличени лажни владетели со хиерократски(hieros kratos – владеење на совршенството) намери, претензии, тенденции и постапки.