Застарен дел од предметот повторно ќе се разгледува, Јанкулоска остро за улогата на СЈО

Застарен дел од предметот „Талир 1“, кој се однесува на наводното нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде повторно разгледуван, а судската постапка ќе почне од почеток по шести пат.

Со ова, предметот повторно се враќа во судска процедура, иако дел од обвиненијата веќе се застарени, што повторно го отвора прашањето за начинот на кој се водеше постапката изминатите години.

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, оцени дека дел од случајот никогаш не требало да биде предмет на кривично гонење доколку институциите постапувале согласно закон и правда.

„СЈО и сите таму беа ‘црпнати’ за да дадат одговор кој, кого и зошто незаконски прислушкувал со години, 24/7. Се занимаваа со се освен со тоа за што беа формирани. Водеа кадровска политика во политичките партии преку политички прогон, ‘билдаа’ партиски рејтинзи за изборни цели, преку закани и притисоци одбираа владини партнери не според освоени гласови туку според дневно политички потреби“, изјави Јанкулоска.

Таа посочи дека, според неа, проблемот не е во измените на Кривичниот законик од 2023 година.

„Проблемот не е ниту во Кривичниот законик од 2023, туку во правниците кои во се гледаа математика и тераа политика, си кркаа незаконски бонуси и десет години парадираа до судовите како холивудски ѕвезди“, нагласи Јанкулоска.

Во продолжение на нејзината изјава, таа оцени дека кариерите на дел од инволвираните не биле изградени врз основа на професионални резултати.

Според Јанкулоска, нивниот напредок бил заснован на сервилност кон претходната власт, а не на квалитет или правна експертиза.