Антикорупциската структура СПАК во Тирана ја суспендираше вицепремиерката и министерка за инфраструктура Белинда Балуку, забранувајќи ѝ да ја напушти Албанија додека трае истрагата за сомнежи во местење тендери и злоупотреба на службената положба. Одлуката претставува едно од најсилните дејствија на СПАК против висок функционер во последните години.
Според официјалното соопштение, Балуку и членови на тендерските комисии однапред ги договарале победниците во две големи постапки – за тунелот Логара и за надворешната обиколница број 4 околу Тирана. Притоа, се тврди дека биле фаворизирани конкретни компании и дека биле создадени неправични услови во процесот на јавни набавки.
Во тендерската документација се појавуваат и две албански компании поврзувани со спорни проекти и во Македонија – „ПЕ-ВЛА-КУ“ и „Ѓока Констракшн“.
- „ПЕ-ВЛА-КУ“ беше партнер на „Тхор Индустрис“ на Дрин Ахмети при преземањето на ТЦ „Соравија“ во Скопје.
- „Ѓока Констракшн“ беше единствениот понудувач на тендерот за јавно-приватно партнерство за паркингот на Клиничкиот центар во Скопје.
Во Албанија, според објавата на Скопје1.мк, „ПЕ-ВЛА-КУ“ работела на обиколницата околу Тирана, а „Ѓока Констракшн“ фактички го градела тунелот Логара како подизведувач, иако тендерот првично бил поништен.
Албанскиот премиер Еди Рама засега не соопшти дали ќе ја разреши Балуку, но јавно го критикуваше СПАК, обвинувајќи ја институцијата дека се меша во надлежностите на извршната власт.
Истрагата продолжува, а се очекува и проширување на мерките, бидејќи случајот отвора дополнителни прашања за регионални деловни врски, влијание врз јавните набавки и можни корупциски практики на компании активни и во Албанија и во Македонија.
