Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за семејно насилство, нанесување телесна повредаи неизвршување на судска одлука
Осомничениот, на 26 мај, веднаш по судската расправа и објава на пресуда против него за семејно насилство во Основниот кривичен суд Скопје, физички повторно ја нападнал неговата поранешна вонбрачна сопруга. И покрај тоа што со претходно правосилно судско решение му биле изречени мерки за забрана за приближување на оштетената, тој ја пресретнал на паркинг простор во близина на Судот, започнал да ја влече за рацете, ја фатил за вратот и започнал да ја дави, нанесувајќи и видливи повреди. Потоа ја навредувал и и се заканил дека со себе носи нож, со што ја присилил да влезе во нејзиниот автомобил, соопшти Јавното обвинителство.
Оштетената, исплашена и испаничена во тој момент, влегла во автомобилот, а осомничениот веднаш по неа влегол и седнал на задните седишта. Тој ѝ наредил да го стартува автомобилот и да вози кон неговото живеалиште, заканувајќи ѝ се дека таму ќе ја силува. И ги зел нејзините мобилни телефони и нејзината чанта, за оштетената да не повика полиција, па ја влечел за косата, упатувајќи и закани по животот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор против осомничениот, бидејќи постојат околности што укажуваат на можност за бегство, како и опасност тој да го повтори кривичното дело или да го изврши кривичното дело со кое се заканува. Судијата го прифати предлогот на обвинителот и на осомничениот му определи притвор, се вели во соопштението од ЈОРМ.