Владата продолжува со активности за справување со проблемот со дивите депонии во Скопје, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за палењето и натрупувањето на отпад на Вардариште и Дрисла. Премиерот нагласи дека државата веќе презема мерки преку министерството за транспорт и општествено одговорни градежни компании за воведување механизација и чистење на двете депонии.

– Ако мислите на ова што се случува на депониите и палењето на истите, можам да кажам дека после успешно завршената сезона на пожари, споредено со другите држави во регионот, каде што имаше жртви, големи населени места беа евакуирани, имаше голема штета во имотот, ние такви случаи немавме, поради добрата организација и навременото постапување, рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека проблемот со Вардариште и Дрисла е стар со децении, но досега никој не преземал системски чекори за негово решавање.

– Е сега очигледно на некој тоа му пречеше и периодот на предизборие го користи за да создаде паника и негодување. И го следиме тоа многу внимателно, тоа е проблем создаден со децении, никој до сега не го решил, ниту пак се зафатил со решавање, објасни премиерот.

Тој додаде дека акциите на МВР веќе започнале, при што три лица се приведени за нелегално фрлање и палење отпад заради извлекување бакар и други метали.

– Ние и овој случај нема да го оставиме вака, веќе работиме со министерот за транспорт на општествено одговорни градежни компании со кои што ќе донесеме механизација и во Вардариште и во Дрисла, и ќе можеме да дејствуваме внатре се со цел да не се случува ова континуирано, додаде Мицкоски.

Премиерот потенцираше дека трајно решение за отпадот ќе се обезбеди преку фабрика за отпад и производна единица за метан за производство на електрична енергија.

– Така што имаме планови кои што ќе ги имплементираме за трајно решение на овој проблем, не само во Скопје, туку и на цела територија на Македонија, заклучи Мицкоски.