Под слоганот „Спектакуларно непослушни“ на 22 јуни во паркот „Жена борец“ ќе се одржи петтата Парада на гордоста во Скопје.
Рутата на парадирање низ градот ќе биде иста како и изминатите години и се очекува највисок стадиум на безбедност. До сега, Скопје е еден од градовите во кои прајдот секогаш поминувал безбедно.
Очекуваме безбеден прајд!
Директорката на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска рече дека очекуваат дека и оваа година ќе биде обезбедено нивото на безбедност од минатите години.
На некаков чуден начин, таа на денешната прес конференција се потруди да ги поврзе и изборите кои завршија со парадата. Велејќи дека додека не забршат изборите, тие нема да стапат во комуникација со полицијата.
-Сега се наоѓаме во една деликатна ситуација бидејќи се’ уште официјално не се завршени изборите, затоа што имаше прегласување на неколку места, а Државната изборна комисија се’ уште не излегла со крајните резултати од изборите и поради тоа се’ уште немаме официјална комуникација со Министерството за внатрешни работи за да ги започнеме подготовките околу Парадата на гордоста од безбедносен аспект. Тоа ќе го сториме кога официјално ќе бидат завршени изборите, но сметам дека и новата владејачка гарнитура ќе сака да покаже дека оваа држава има демократски капацитети, бидејќи успешноста на една Парада на гордоста зборува токму за тоа какви се демократските капацитети на државата и колку институциите ги почитуваат правата на сите граѓани, па и на оние кои што не се мнозинство, порача Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права.
Од Жена Парк до Њу Јорк Тајмс!
Очекувањата на програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка Кочо Андоновски се годинешната Парада да биде еден од најдобрите и најпосетените настани. Тој вели „Непослушни затоа што сакаме да ја реафирмираме таа наша опозиција на патријахатот кој не’ владее доста векови. Спектакуларно како едно обележје на самата заедница која е забележителна и како одбележување на јубилејот на петти Прајд.“.
Според него, важно е што претходно македонскиот прајд ги освоил насловните страници во светот.
-Дури и „Њујорк тајмс“ објави фотографии на првата Парада на гордоста во Скопје и ништо помалку спектакуларно не очекуваме и за овој Прајд. Тој ќе биде еден од најдобрите и најпосетените настани во Скопје како и претходните години, рече Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центар за поддршка и додаде дека говорот на омраза што ескалира после најавата на Парадата само докажува колку има потреба од одржувањето на Скопје Прајд.
Видливи, свои и автентични!
Во годината има само еден ден во кој ЛЏБТ луѓето можат да бидат видливи, свои и автентични, смета извршниот директор на ЕКВАЛИС Ангел Димитриевски.
-Ова е заедница која не по своја желба е притиснета најчесто во свои приватни простори, во домот, во семејството, и да ги чува своите животи во тие приватни простори и дури и таму кога сме во тие приватни простори, ги доживуваме најекстремните форми на насилство. Кога една заедница се соочува со насилство во приватниот простор каде што е приморена да биде втурнета, тогаш значи дека нашето општество треба радикално да се промени. – рече тој на денешната прес конференција.
Според него, поради тоа што за ЛГБТИ заедницата концептот на послушност е и политички концепт – излегувало дека оваа заедница ги барала своите права, тоа било обележано како некаков каприц или како претерана желба за вниманите.
Тој смета дека желбата да се живее достоинствено и еднакво не е никакво каприц, туку е само барање за еднакво место во ова општество кое што им припаѓа на сите други граѓани.
-ЛГБТИ луѓето го бараат токму тоа, да можат да се свои, да се автентични, да се движат во јавниот простор, да учествуваат во политичкиот живот, наместо постојано да се втурнуваат во своите четири ѕидови. Нашиот концепт за еднаквост, доколку е спорен за заедницата, тогаш да, во тој случај одбираме да бидеме непослушни. Ќе се бориме за иднина која е генерално позитивна за нас, а тоа ни го докажува токму овој настан кој во изминативе пет години е се повеќе посетен и за наша среќа е повеќе посетен од млади луѓе, рече Димитриевски.