Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев смета дека македонските власти немаат основа да поднесуваат жалби пред европските институции за случајот со Ива Михаилова, која и покрај судската забрана и одземените два пасоша ја напуштила Македонија и заминала во Бугарија. Според него, бугарските институции не постапиле спорно, а случајот треба да се разгледува од хуманитарен аспект.

Ковачев, член на бугарската партија ГЕРБ, го изнесе овој став во гостување на Бугарската национална телевизија (БНТ). Тој посочи дека за случајот лично ја информирал претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Токму сега, на состанокот на ЕПП што започнува во Италија, ја информирав претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за ситуацијата и сметам дека Скопје нема причина да се жали на Бугарија. Што точно направила Бугарија што е проблематично? Апсолутно ништо“, изјави Ковачев.

Тој нагласи дека здравствената состојба на Михаилова бара итно внимание и дека при разгледувањето на случајот треба да се стави акцент на нејзиното право на соодветна медицинска нега.

Реакцијата на Ковачев следува откако македонското Министерство за надворешни работи најави дека за заминувањето на Михаилова од земјава, и покрај судската забрана, ќе ги информира Европската Унија и Советот на Европа.

Од Министерството оценија дека постапувањето на бугарските институции го поткопува градењето доверба и е спротивно на заложбите за развој на добрососедските односи.