Скопска декларација за поголемо учество на жените во енергетската дипломатија беше потпишана денеска во рамките на Првиот форум за енергетска дипломатија посветен на тема „Обновливи извори на енергија и жените во енергетиката“.

Настанот испрати порака за важноста на соработката и долгорочните партнерства, а пред присутните се обрати министерката за енергетика, Сања Божиновска.

„Од Скопје денеска испраќаме порака за дипломатијата што поврзува, за партнерствата што траат и за заедничка одговорност кон иднината. Енергетската дипломатија ни дава можност нашите интереси да ги претвориме во заеднички цели, а нашите цели во конкретни резултати“, истакна Божиновска.

Таа нагласи дека секторските реформи и иднината на енергетиката бараат директно вклучување на професионалци со искуство и лидерски капацитет.

„Жените треба да ги поставуваат приоритетите, да ги водат преговорите, да ги градат партнерствата и да преземаат одговорност за резултатите. Не зборуваме само за застапеност, зборуваме за влијание. Кога во одлучувањето учествуваат повеќе жени, институциите се зајакнуваат со дополнителни знаења и компетенции, а одлуките се носат со повеќе искуство и различни гледишта. Наша обврска е да го отвориме патот за следната генерација: инженерки, експертки и лидерки“, потенцира министерката.

Министерката посочи дека усвоениот документ ја потврдува заложбата за енергетска сигурност, одржливи процеси и женско водство.

„Со поддршка на канцеларијата на Обединетите нации, UNDP, Економската комисија на Обединетите нации за Европа, сакаме мрежата на жени во енергетската дипломатија да стане место за соработка, менторство и професионален развој. Вредноста на декларацијата ќе се види во иницијативите што ќе произлезат од неа, во партнерствата што ќе ги изградиме и во можностите што ќе ги отвориме за жените да учествуваат во стратешките договори“, рече Божиновска.

Во своето излагање таа детално се осврна и на прашањето за капацитетите од обновливи извори и дистрибутивниот систем.

„За да произведуваме повеќе енергија од сонце и ветер, треба да вложуваме и во мрежите што ќе ја пренесат таа енергија до потрошувачите. Затоа, денес ќе разговараме и за тоа како зеленото финансирање може да им помогне на домаќинствата, на малите компании да вложат во обновливи извори и во енергетска ефикасност“, посочи Божиновска.

На конференцијата зедоа учество над 200 домашни и странски гости, високи владини претставници, меѓународни организации, финансиски институции, како и претставници од дипломатскиот кор и бизнис-заедницата.

Министерката изрази очекување дека овој форум ќе отвори конкретни иницијативи и стабилни сојузништва во кои жените рамноправно ќе учествуваат во сите идни стратешки преговори и одлуки.