Насилни групи се судрија со полицијата и ограбуваа продавници за време на протестите што се одржаа во повеќе француски градови. Полицијата уапси најмалку 1.800 лица. На демонстрациите, организирани поради растот на трошоците за живот и лошите услови во училиштата, според официјалните податоци учествувале околу 550.000 луѓе, додека организаторите процениле дека имало околу 800.000.
Францускиот претседател Емануел Макрон попладнево ќе одржи итен состанок со високи државни претставници. Потоа, во 20 часот, ќе ѝ се обрати на нацијата, соопшти неговиот кабинет.
Полицијата соопшти дека маскирани групи вчера подметнувале пожари и напаѓале јавни објекти, меѓу кои и згради на општинските власти во неколку градови. Во немирите биле повредени повеќе од 500 полицајци, жандарми и пожарникари. Едно лице починало од срцев удар, соопшти париската полиција, без да објави дополнителни детали.
Само во парискиот регион биле уапсени 855 лица, соопшти денеска полицијата во главниот град. На плоштадот „Република“ во Париз, извадени коцки од калдрмата, скршени излози и парчиња стакло сведочеле за последиците од немирите. За да ги растера демонстрантите, полицијата употребила солзавец и водени топови.
Во изминатите недели стотици илјади ученици протестираа поради недостигот од наставници и лошата состојба на објектите во француските средни училишта. Кон нив се приклучија синдикалци и други групи, меѓу кои и движењето „Жолти елеци“, кое претходно протестираше против зголемувањето на трошоците за живот.
