Националниот дата центар ќе се гради до крајот на мандатот на Владата, а министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски очекува камен-темелникот да биде ставен следната година.

Тој во интервју за „360 степени“ демантираше дека е дадена дозвола и дека е потпишан договор за изградба на податочен центар од 100 мегавати кој би користел вода од реката Вардар.

Андоновски вели оти водата што би се користела за ладење во податочните центри е, всушност, техничка вода која се добива со копање во внатрешниот слој на земјата и дека тој нема информација дека се користи вода од реки и езера за потребите и функционалноста и ладењето на дата-центрите.

„Имаме закони коишто го уредуваат давањето дозвола за градење и во врска со животна средина и јас кажав – нема да се донесе одлука за изградба на ваков податочен центар ако сме свесни дека тој би имал штета на животната средина. Јас често го земам примерот со Словенија, во Марибор, којшто користи вода, таа се топли во процесот на ладење на податочниот центар, потоа се искористува за затоплување на пластеници или за затоплување во домаќинствата, а изладената вода повторно се враќа во податочниот центар. Не се троши, немаме потрошувачка на вода и ништо такво нема да дозволиме да се случува ниту тука“, нагласува Андоновски.

За тоа дали македонската оператива има капацитет да го изгради дата-центарот, Андоновски оценува дека е можно, особено доколку има соодветна техничка поддршка од надвор, советување и надзор.

За проектот за државниот дата-центар е одобрена физибилити студија и во моментот се бара финансиер. Андоновски потврди дека се разговара со шест компании и дека во Планот за раст овој проект е оценет позитивно и е евалуиран на околу 20 милиони евра, односно компонента од 30 отсто грант и 70 отсто, како што вели, меки кредити.

Во однос на локацијата каде би се изградил дата центарот, министерот потврди дека тоа ќе биде во близина на Скопје кај ТИРЗ-зоните и дека се работи за државно неплодно земјиште.