На Меѓународниот аеродром Скопје утрово во 09:40 пристигна авионот од Софија на авиокомпанијата
„Гуливер“. Со ова се реализира првиот лет кој директно ги поврзува двата главни града на Македонија и Бугарија.
Со авионот во Скопје пристигнаа македонска и бугарска делегација предводени од министерот за транспорт Благој Бочварски и од неговиот бугарски колега Николај Сабев, како и туроператори од двете држави.
Активностите ќе продолжат со состанок во Клубот на пратеници.Предвидено е да се разгледаат можностите и да се дефинираат деталите околу идното сообраќање на авиолинијата, која, според најавите, треба да биде редовна од следниот месец. Воедно треба да се утврдат и туристички пакети што ќе помогнат да се зголеми бројот на меѓусебните посети на туристи од двете држави.
Авионското поврзување меѓу Скопје и Софија е првиот конкретен чекор на соработката што ја најавија премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков по првата средба во Скопје на 18 јануари годинава. Една недела подоцна, на 25 јануари, двете влади во Софија одржаа заедничка седница и потпишаа два документа за зајакнување на инфраструктурното поврзување на двете земји, за директна авиолинија Скопје – Софија и за железничкиот Коридор 8.