Дали добиваме нов случај како оној со пајакот? Во Арачиново не биле нападнати полицајци, полицајците биле виновни, барем според официјалното соопштение на МВР. Додека за некои најобични случаи разрешница се чека со недели, месеци, па дури и години, овој случај полицијата го реши експресно за нешто повеќе од 24 часа.
Полициските службеници не ги презеле потребните службени дејствија, па сега ќе си одговарале. Од таму решија и да покорат медиумите, да не објавувале случаи како овој, бидејќи според нив не биле проверени.
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека се извршени детални проверки од СВР Скопје и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, и објавите дека полициски службеници биле нападнати во општина Арачиново се комплетна дезинформација. Случајот, како што велат, е целосно расчистен.
За разлика од оваа експресна разрешница на случајот, се уште не знаеме кој неовластено возел автомобил со полициски флешери, иако постоеле и видео материјали од истиот настан. Единствено што знаеме е дека тоа не бил синот на заменик министерот за внатрешни работи и висок функционер на ДУИ, Назим Буши, барем ако веруваме во зборовите на првиот полицаец Оливер Спасовски.
Овие два случаи во само два дена фрлаат сомнеж дека можеби нешто се крие од јавноста поради коалициони договори. Адвокатот Сашо Дукоски вели дека ова што го гледаме во Македонија во моментов, наликува на мексикансите картели.
-Очигледно е дека има некои должничко доверителски односи или политички односи во таа коалиција, кои што предизвикуваат вакво однесување, иначе вакво однесување е екстремно неразбирливо. Ова е во рамките на мексиканските картели, синалоа картел, вака ви влагаат во полициска станица и ви кажуваат како да се однесувате, изјави Дукоски.
Фрапантно и застрашувачки е самиот факт што Оливер Спасовски јавно кажува дека јавноста не требала да се интересира за вакви работи.