Илјадници граѓани втора вечер по ред протестираа во Киев поради одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го разреши министерот за одбрана Михајло Федоров во рамки на владината реконструкција. Одлуката предизвика поделби во јавноста и невообичаени демонстрации во услови на војна.

Демонстрантите се собраа во украинската престолнина со државни знамиња и транспаренти, јавува агенцијата Франс прес.

„Вратете го Федоров!“, пишуваше на еден од транспарентите, додека на друг беше испишана пораката „Почит и обѕир кон народот“. На трет транспарент смената беше оценета како „самосаботажа“.

Протестите започнаа вчера, откако Зеленски го разреши 35-годишниот технолошки експерт, кој се залагаше за модернизација на украинската армија и нејзина трансформација во поефикасна борбена сила.

Минатата недела Зеленски најави реконструкција на Владата со цел да ги зајакне односите со клучните меѓународни партнери. Сепак, разрешувањето на министерот за одбрана предизвика протести не само во Киев, туку и во неколку други украински градови, при што најголем дел од демонстрантите беа млади луѓе.

Федоров, кој важи за млад реформатор и силен поддржувач на воведувањето висока технологија на бојното поле, ја напушта функцијата помалку од шест месеци откако беше именуван за министер за одбрана.

Популарниот министер, кој ужива поддршка кај граѓаните и доверба од западните сојузници на Украина, објасни дека дошол во несогласување со врховниот командант на украинската армија, Олександр Сирски. Според Федоров, Сирски се залагал за потрадиционален пристап во водењето на воените операции.