Преполни контејнери и граѓански револт: Градот чека нов градоначалник за чистење
Главниот град деновиве се соочува со еколошки колапс. Преполните контејнери се прелеваат на тротоарите, вело-патеките и коловозите, а сметот останува недопрен со денови. Граѓаните револтирано споделуваат фотографии од хаосот и реагираат на социјалните мрежи, додека од надлежните институции владее молк. Иако редовно ја плаќаат услугата, скопјани велат дека се приморани отпадот да го оставаат покрај контејнерите бидејќи камионите на ЈП „Комунална хигиена“ не го собираат ѓубрето, неофицијално поради дефекти на возилата.
Арсовска исчезната од јавноста
Се уште актуелната градоначалничка Данела Арсовска со месеци не се појавува во јавноста, ниту се огласува за овој или за други горливи проблеми на градот. Дел од јавноста се прашува дали ваквата состојба е резултат на негрижа или свесен потег за создавање револт против општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Во политичките кругови веќе подолго време кружат сомнежи дека Арсовска соработува со СДСМ и ДУИ, а ваквите настани само ги засилуваат тие шпекулации.
Новиот градоначалник со задача за 72 часа
Скопје ќе мора да почека уште неполни две недели за можно решение. По изборите на 2 ноември, новиот градоначалник ќе се соочи со итна задача – чистење на градот. Во вториот круг влегуваат Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој вети дека за 72 часа по преземањето на функцијата ќе го исчисти Скопје, и Амар Мециновиќ од Левица.