По онлајн часови, бојкот на наставата за да се изборат за полесни испити, матурантите почнаа со полагање на државниот испит. Со маски и половина исполнет капацитет во училниците, над 15.000 матуранти полагаа мајчин јазик и литература.
Полагањето почна на време, а учениците имаа четири часа да го решат испитот. Средношколците велат дека МОН до крај ги исполнил нивните барања.
-Материјалот на екстерниот испит беше фокусиран повеќе на прва, втора и трета година кога не беше пандемија. Материјалот што го учевме за време на пандемија не беше многу вклучен во испитот, вели пораншениот претседател на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи.
Директорката на државниот испитен центар вели дека материајлите за полагање биле навреме доставени низ цела држава, а немало никакви технички проблеми.
-10.848 кандидати полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература полагаат денеска 4.078 матуранти, а 272 полагаат турски јазик и литература. Следниот петок ќе се полага англиски јазик, германски јазик, француски јазик, руски јазик, математика, естетика и филозофија, вели директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска.
Министерката Царовска е задоволна од организацијата на државната матура во услови на пандемија. На средношколците им порача натамошниот циклус на образование да го продолжат според сопствените афинитети и знаења.
-Покажавме дека како држава можеме да имаме да имаме образование кое во континуитет се одржува целата учебна година и во време на пандемија. Но, исто така покажавме дека знаеме и можеме безбедно да спроведеме матурски испит, што укажува дека се одржуваме во стандардите коишто се дел од европските и развиените земји, вели министерката за образование Мила Царовска.