Основното јавно обвинителство Куманово отвори истражна постапка против 40-годишен жител на Кратово, осомничен дека со нож нападнал и тешко повредил полициски службеник. Обвинителството побара судот да му определи мерка притвор.
Постои основано сомнение дека осомничениот го сторил кривичното дело „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, предвидено во член 383 став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според Обвинителството, на 11 септември осомничениот нападнал службено лице кое извршувало работи од областа на јавната безбедност поврзани со спречување кривично дело.
Инцидентот се случил кога двајца полицајци употребиле сила за да ја отворат заклучената врата од собата во која се наоѓал осомничениот. Откако влегле во просторијата, тој ги нападнал.
На еден од полициските службеници со нож му нанел тешки телесни повреди, односно прободна рана и посекотина.
Поради опасноста осомничениот да побегне или да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.
