Во организирана акција на грчката полиција во саботата во близина на Лерин биле уапсени две лица за внесување и продажба на дрога на грчка територија од Македонија. Тие биле уапсени откако во Грција влегле нелегално и на полицаец кој се претставил дека е купувач се обиделе да му продадат нешто помалку од три килограми канабис.

Од грчката полиција соопштуваат дека се уапсени двајца странски државјани на возраст од 38 и 40 години, кои во рурален дел на Лерин во близина на границата со Македонија се обиделе да продадат два килограми и 885 грама суров канабис.

За време на активностите на полицијата за спречување на шверц на дрога на грчка територија и добиените информации за мрежа која пренесувала и ширела дрога од Македонија во Грција, била организирана полициската акција.

-Беше закажана средба за купопродажба на дрога, каде што се појавија горенаведените странски државјани, кои претходно нелегално влегоа во нашата земја, 38-годишниот со мотор, а 40-годишниот со автомобил и на полицаецот кој се претстави дека е купувач му продадоа два килограми и 885 грама суроц канабис, за 5.800 евра, соопштуваат од грчката полиција.

Биле конфискувани моторот, автомобилот, дрогата и три мобилни телефони, а двајцата уапсени се товарат за внесување и продажба на дрога во Грција, како и за прекршување на законот за странски државјани.