Уште од вчера се најави дека претседателот на државата, Стево Пендаровски денес во Куманово ќе ја прими првата доза на вакцината против коронавирусот, што и се случи. Од неговиот кабинет по вакцинирањето информираа дека претседателот денес во Куманово се вакцинирал со вакцина од производителот „Фајзер“.

И се би било во ред, доколку началничката на Здравствен дом Куманово Снежана Јовановска денеска не ги информираше новинарите зад камерите дека станува збор за вакцината на кинескиот производител Синофарм.

Дел од медиумите кои беа на терен ја пренесоа информацијата дека станува збор за кинеската вакцина, но набргу пристигна соопштение од Кабинетот на Пендаровски во кое стои: „Претседателот се вакцинираше со вакцината на „Фајзер“ која е достапна за кумановци во овој вакцинален пункт.“

За да не биде јавноста дезинформирана и доведена во забуна по различните информации ММС се одлучи повторно да ги провери информациите од надлежните, во случајов кабинетот на претседателот и началничката. Но, и двете страни повторно останаа на првичните тврдења.

Катерина Цаневска Арсовска од Кабинетот на претседателот во телефонски разговор појасни дека и претседателот Пендаровски и членовите на неговиот кабинет кои се вакцинираа денеска во Куманово ја примиле вакцината на „Фајзер“.

ММС повторно ја контактираше начланичката на одделението за вакцинација при Здравствен дом Куманово, Јовановска, која и понатаму остана на истиот став, односно рече дека според нејзините информации се работи за вакцината „Синофарм“, но, сепак, не препрати информацијата да ја потврдиме со Кабинетот на претседателот.

Остана енигма со што се вакцинирал претседателот Пендаровски?!

Од претходно достапните информации вакцините на „Фајзер“ се чуваат на температури од 70 до 80 степени под нулата и услови за нивно чување на пунктовите за масовна вакцинација нема, туку само во Здравствените домови.

Досега на пунктот во Куманово граѓаните се вакцинираат само со кинескиот производител, а од вчера во Здравствениот дом се врши ревакцинација на лицата над 70 години кои претходно ја примија првата доза на „Фајзер“.

Претседателот Стево Пендаровски и денес во вакциналниот пункт на ЈЗУ Здравствен дом Куманово, во спортската сала на СОУ “Перо Наков”, кога ја прими вакцината против Ковид-19, заедно со членови од Кабинетот рече:

-Термин за вакцинирање јас добив за вчера, меѓутоа бевме на еден службен пат кој беше одамна закажан, бевме и на регионален собир. Одлучив да се вакцинирам во друг град бидејќи има шпекулации, дезинформации наводно дека едни вакцини се даваат во Скопје, други вакцини се даваат во други градови. Затоа е добро да ја разбиеме таа шпекулација, мислам дека е добро и за другите и за останатите што се на функција да го направат сличното. Јас сакам, на 08.06 кога треба да ја примам втората доза, истата да ја примам во некоја трета општина, мислам дека тоа е добро за да им покажеме на луѓето дека сите вакцини што доаѓаат во земјава се проверени, сите тие се ефикасни и не треба да имаат никаков сомнеж, изјави Пендаровски.