Податоците што ги објави вчера Министерството за здравство за претходните 24 часа покажуваат дека продолжува трендот со мал број заразени со коронавирусот. Од направени 2.952 тестирања се регистрирани 13 нови случаи на Ковид-19, нема починати лица, а регистрирани се 31 оздравен пациент. Во државава сега се активни 225 случаи со Ковид-19, а од почетокот на епидемијата со вирусот се заразиле 155.640 лица.
– Досега се вакцинирани под 300.000 граѓани, а планирано е во следниот период да се вакцинираат уште 300.000 луѓе. Сметам дека до крајот на летото ќе постигнеме процент на имунизирани за кој ќе можеме да кажеме дека е колективен имунитет, изјави Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Се уште, како што вели, не се знае како ќе влијаат мутациите на коронавирусот, но искуствата од другите држави, вклучувајќи ја и Кина, покажуваат оти вакцините се многу важен фактор во борбата против пандемијата и дека спречуваат тешки форми на болеста.