Женската тениска асоцијација (WTA) воведе ново правило според кое тенисерките ќе треба да поминат генетско тестирање за да добијат право да настапуваат на женскиот дел од WTA турот. Одлуката стапи во сила кон крајот на јули и веќе предизвика бројни реакции во тенискиот свет.

Според новите правила, играчките ќе треба да достават примерок за генетска анализа со која треба да се утврди дали ги исполнуваат условите за натпреварување во женска конкуренција. Мерката предизвика голема полемика, но актуелната најдобра тенисерка во светот, Арина Сабаленка, ја поддржа одлуката на WTA.

Белорусинката зборуваше за новото правило пред почетокот на „Роџерс купот“ во Монтреал. Сабаленка на турнирот ќе се обиде да го поправи впечатокот по настапот на Вимблдон, а едно од прашањата упатени до неа се однесуваше токму на генетските тестирања што ќе ги спроведува WTA.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Guardian Sport (@guardian_sport)

Сабаленка порача дека нема проблем со тоа сите тенисерки да бидат тестирани, нагласувајќи дека според неа мерката е важна за зачувување на фер-плејот во спортот.

„Мислам дека е многу важно да се одржи фер-плејот во нашиот спорт. Очигледно е дека, биолошки, мажите се многу посилни од жените, па затоа сметам дека не би било фер жените да се натпреваруваат против биолошки мажи“, изјави Арина Сабаленка за промените што стапија на сила во „белиот спорт“.

Таа додаде дека смета оти на WTA ѝ било потребно време за да ја донесе одлуката и истакна дека целосно ја поддржува.

„Верувам дека им требаше малку време за да ја донесат оваа одлука и јас го поддржувам тоа. Јас сум фокусирана само на себе, на моите цели, знаете веќе, што и да е потребно. Ако сакаат сите да нè тестираат, со задоволство ќе го направам тоа“, заклучи таа.