На конститутивната седница на Собранието откако беа верификувани мандатите на новоизбраните пратеници, Собранието констатираше дека на претседателот на Владата и на одреден дел на членовите им престануваат функциите во Владата. Поради обезбедување континуитет во работата, Владата ќе ги врши само најнеопходните функции до изборот на нова Влада, соопштуваат од кабинетот на претседателот на Собранието.
Објаснуваат дека кога не станува збор за оставка на премиерот, во Законот за пратениците, Законот за Собранието и Изборниот законик, не постои одредба којашто го уредува прашањето за функционирањето и престанокот на мандатот на Владата, во периодот по конституирањето на Собранието до изборот на нова Влада.
Во конкретниот случај, велат во Законот за Владата е уредено прашањето за престанок на мандатот само на министерот за внатрешни и на министерот за труд и социјална политика и за престанокот на функциите на дополнителните министри, а за премиерот и за преостанатите членови на Владата во Законот не постои решение ниту постапка за престанок на функцијата, се вели во соопштението.