Предлогот за избор на Савески денеска пред пратениците
Собранието денеска треба да ја одржи 94. седница, на чиј дневен ред е предлогот Ненад Савески да биде избран за нов државен јавен обвинител.
Савески, кој во моментов ја извршува функцијата судија во Основниот кривичен суд – Скопје, беше номиниран од Владата на 10 март. За да биде избран на функцијата, потребни му се најмалку 61 пратенички глас.
Неговата кандидатура доаѓа по оставката на поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, а по спроведената постапка во која учествувале петмина кандидати.
Професионалната и академската биографија на Савески
Ненад Савески е роден во 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки од областа на казненото право. Магистерските студии ги завршил на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што претходно дипломирал, а правосудниот испит го положил во 2003 година.
Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, додека во периодот од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во истиот суд, од 2000 до 2002 година, работел и како судски приправник.
Во неговата биографија се наведува и учество во повеќе експертски и меѓународни ангажмани. Бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Националната конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД.
Савески е член и на работни групи за судски и законски реформи, а работел и на проекти поврзани со посебни истражни мерки, притвор и кривична постапка. Во академската сфера е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право.
Тој е автор и коавтор на трудови посветени на посебните истражни мерки, слободата на изразување, клеветата и навредата, конфискацијата на имот, правото на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации. Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.
На дневен ред и други кадровски и законски прашања
Претходно, по неотповикливата оставка на Љупчо Коцевски, поднесена во декември минатата година, на функцијата в.д. државна јавна обвинителка дојде обвинителката Тополова-Исајловска. Таа беше единствен кандидат, но согласно законските ограничувања не може да ја извршува оваа должност подолго од шест месеци.
На дневен ред на денешната седница се и предлогот за избор на член на Судскиот совет што го избира Собранието. Комисијата за избори и именувања утврди предлог-листа со двајца кандидати: Сејфула Османи, доктор на правни науки со положен правосуден испит од Градец, Врапчиште и Арбер Исаку, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово.
Пратениците треба да ја утврдат и потребата од носење измени и дополнувања на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како и измени на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8, на делниците Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан, како и на Коридорот 10-д, на делницата Прилеп – Битола, по скратена постапка.
На пленарната седница може да се очекува на дневен ред да биде ставен и предлогот Ацо Ристов да биде избран за претседател на Регулаторната комисија за енергетика, по оставката на досегашниот претседател Марко Бислимоски. Комисијата за прашања на изборите и именувањата вчера го предложи Ристов, кој е дипломиран електроинженер со долгогодишно раководно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи.
